12.8 C
Скопје
17. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ВОЈНА ВО УКРАИНАСВЕТ

Полска преговара со Украина за привремено затворање на границата

Полска преговара со Украина за привремено затворање на границата меѓу двете земји поради протестите на фармерите, изјави денеска полскиот премиер Доналд Туск.

Полските земјоделци повеќе од седум дена ги прекинуваат прекуграничните пратки, тврдејќи дека евтините украински производи го преплавуваат полскиот пазар.

– Сакаме да и помогнеме на Украина, но не можеме да дозволиме таа помош да има многу негативни ефекти врз нашите граѓани. Постојано бараме решение кое ќе го заштити полскиот пазар од очигледно поевтините земјоделски производи од Украина – рече Туск и додаде дека тоа би било „привремено и болно“ решение за двете страни, пренесува Политико.

Заменик-премиерот на Украина, Олександр Кубраков, сепак, негираше дека имало какви било разговори за затворање на границата.

– Никој од Украина не води преговори за затворање на границите со Полска. За нас стабилното функционирање на таа граница е прашање на опстанок во војната со рускиот агресор – рече Кубраков.

Земјоделците ширум Европа излегоа на улиците од почетокот на годината, а многумина го обвинуваат зголемениот увоз на украинско жито, живина и шеќер за нивните проблеми.

Минатата недела, членките на ЕУ го поддржаа предлогот на Европската комисија за продолжување на привилегиите за слободна трговија на Украина за уште една година, со одредени ограничувања за увоз на чувствителни производи.

„Ограничувањата предложени од Брисел и Киев се неприфатливи за нас“, рече Туск, ветувајќи дека ќе најде решение што ќе ги заштити полскиот пазар и полските земјоделци од нелојална конкуренција.