31.8 C
Скопје
16. јуни 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ВОЈНА ВО УКРАИНАСВЕТ

Институтот за војна: Русите подготвуваат хибридна војна против Молдавија

Институтот за проучување на војната објави нова анализа, во која предупредуваат дека Русија можеби подготвува хибридна операција против Молдавија.

„Прорускиот отцепен регион Приднестровје би можел да организира референдум за приклучување кон Русија на 28 февруари. Изговор за таквиот повик ќе биде наводната потреба да се заштитат руските граѓани и ‘сонародниците’ во Приднестровје од заканите од Молдавија или НАТО“, пишува во предупредувањето од Институтот.

Рускиот претседател Владимир Путин би можел, во најлошото сценарио, да ја објави руската анексија на Приднестровје за време на неговото планирано обраќање пред Федералното собрание на Русија на 29 февруари, иако тоа изгледа малку веројатно, пишува Институтот.

„Поверојатно е Путин да ја поздрави секоја акција преземена од Конгресот на пратениците на Приднестровје и да понуди опсервации за ситуацијата“, додаваат тие.

Институтот пишува дека не видел јасни индикации за руска воена подготовка за интервенција во Приднестровје или во Молдавија воопшто, иако е можно тајните подготовки да се во тек.

„Руските сили во моментот во Приднестровје не може да претставуваат значителна воена закана за Украина без засилување. Тие би можеле да претставуваат многу поголема закана за стабилноста на Молдавија. Затоа, најверојатниот начин на дејствување е дека Конгресот на Приднестровје и говорот на Путин ќе означуваат пресврт во подготовките на Русија за хибридна војна против Молдавија“, анализира Институтот.

Молдавија е поранешна советска држава лоцирана меѓу Романија и Украина и има околу 2,6 милиона жители. Парламентот на Молдавија има прозападно мнозинство, а прозападната претседателка на Молдавија, Маја Санду, цели кон пристапување на Молдавија во ЕУ. Приднестровје е проруски отцепен регион во источна Молдавија со население од речиси 470.000 луѓе, кои незаконски прогласија независност од Молдавската Советска Социјалистичка Република во 1990 година.

Ниту една членка на Обединетите нации (ОН) не го признава нејзиниот суверенитет, а ОН го сметаат овој регион како дел од Молдавија.