24.8 C
Скопје
20. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+СВЕТ

Борел: ЕУ е вџашена од смртта на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални

Изјава на Борел високиот претставник во име на Европската унија за смртта на Алексеј Навални

Европската унија е вџашена од смртта на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални, за која крајната одговорност ја сноси претседателот Путин и руските власти. Денеска на седницата на Советот за надворешни работи изразивме длабоко сочувство до неговата сопруга Јулија Навалнаја, нивните деца, семејството, пријателите и сите оние кои работеа со него за доброто на својата земја.

Русија мора да дозволи независна и транспарентна меѓународна истрага за околностите на неговата ненадејна смрт. ЕУ нема да штеди напори да ги повика на одговорност политичкото раководство и властите на Русија, во тесна координација со нашите партнери; и ќе наметне дополнителни последици за нивните постапки, вклучително и преку санкции.

Низ светот луѓето се собраа да му оддадат почит на споменот на Алексеј Навални. Во Русија властите се обидоа да го спречат истото на повеќе места и неколку стотици луѓе се приведени. Тие мора веднаш да бидат ослободени.

Г-дин Навални храбро се врати во Русија по обидот за атентат со нервниот агенс „Новичок“ забранет со Конвенцијата за хемиско оружје, чиј член е Руската Федерација. Тој издржуваше неколку политички мотивирани казни во строга затворска колонија во Сибир, каде што беше преместен да го изолираат од остатокот од светот. Пристапот на неговото семејство до него бил ограничен. Неговите адвокати се малтретирани и тројца од нив се во истражен притвор од октомври 2023 година.

Европската унија постојано најостро го осудуваше неговото труење и сите политички мотивирани пресуди против него за неговите легитимни политички и антикорупциски активности, повикувајќи на негово итно и безусловно ослободување. Таа постојано ја повика Русија да ја осигури неговата безбедност и здравје, вклучително и преку обраќање на властите во Москва кое не вроди со плод.

Во текот на својот живот, г-дин Навални покажа неверојатна храброст, посветеност на својата земја и неговите сограѓани и решителност, со својата антикорупциска работа низ Русија, порака што привлече многумина низ целата земја. Ова е причината зошто Путин и неговиот режим се плашеа од него, исто така во контекст на тековната нелегална агресивна војна на Русија против Украина и руските претседателски избори во март.

Неочекуваната и шокантна смрт на г-дин Навални е уште еден знак за забрзаната и систематска репресија во Русија. Европската унија го повторува својот повик до Русија веднаш и безусловно да ги ослободи сите други политички затвореници, вклучувајќи ги Јуриј Дмитриев, Владимир Кара-Мурза, Илја Јашин, Алексеј Горинов, Лилија Чанишева, Ксенија Фадеева, Александра Скочиленко и Иван Сафронов.