18.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
илустрација / pixabay
СВЕТ

Аеродромот во Франкфурт најави откажување на летовите поради студеното време

Аеродромот во Франкфурт најави бројни одложувања и откажувања на летови за следните неколку дена поради очекуваниот снег и замрзнат дожд.

Во среда и четврток на аеродромот во Франкфурт ќе се одвива само ограничен авиосообраќај, соопшти компанијата Фрапорт која стопанисува со аеродромот.

Аеродромот Франкфурт е најголемата и најважна точка на воздушниот сообраќај во Германија, како и една од најактивните во Европа.

На патниците им се препорачува однапред да се информираат за своите летови и да не доаѓаат на аеродромот доколку нивниот лет е откажан, соопшти Фрапорт.

Само за среда на тој аеродром се планирани околу 1.030 пристигнувања и полетувања на авиони.
Авиокомпаниите често ги откажуваат или одложуваат летовите еден ден однапред во случај на предупредувања за лоши временски услови.

Безбедноста е приоритет во воздушниот сообраќај, велат од Фрапорт.

Во случај на обилни снежни врнежи и замрзнат дожд, вработените на аеродромот можеби нема да можат ефективно да ги исчистат пистите од снег и мраз и покрај тековното зимско одржување, велат од компанијата.

Дополнителна тешкотија поради временските услови е времето потребно за одмрзнување на авионот. Аеродинамичниот профил на воздухопловот не смее на кој било начин да биде оштетен од снег или мраз.