17.8 C
Скопје
20. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Блинкен во Тел Авив: Примирјето меѓу Израел и Хамас дава резултати

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен (Антони) денеска пристигна во Тел Авив, каде што ќе се сретне со израелските лидери на разговори за продолжување на привременото примирје меѓу Израел и Хамас и зголемување на хуманитарната помош за Појасот Газа, јави Си-Ен-Ен.

Блинкен, кој ја прави својата трета посета на регионот откако Хамас го нападна Израел на 7 октомври, се очекува да го посети и окупираниот Западен Брег, каде најверојатно ќе се сретне со палестинскиот претседател Махмуд Абас.

– Гледајќи во следните неколку дена, ќе бидеме фокусирани да направиме се за да го продолжиме прекинот на огнот и да продолжиме да извлекуваме што е можно повеќе заложници, како и да обезбедиме поголема хуманитарна помош – рече Блинкен на прес-конференција во средата во Брисел.

Исто така, највисокиот американски дипломат се очекува да разговара за претстојната израелска офанзива на јужниот дел на Појасот Газа во Тел Авив, при што САД ќе побараат од Израел да посвети поголемо внимание на заштитата на палестинските цивили и ограничувањето на штетата на инфраструктурата, изјавија високи американски претставници за Ројтерс.

Седејќи до израелскиот претседател Исак Херцог (Изак), Блинкен рече дека Вашингтон е фокусиран на помагање да се обезбеди слобода за заложниците однесени во Газа за време на нападот на 7 октомври, во кој Израел вели дека Хамас уби 1.200 и киднапира 240 луѓе.

Херцог рече дека речиси 150 заложници сè уште остануваат во Газа.

– Во изминатата недела видовме многу позитивни случувања и заложници кои се враќаат дома и се спојуваат со своите семејства. И тоа треба да продолжи и денес. Дозволи и зголемување на хуманитарната помош за невините цивили во Газа на кои очајно им е потребна. Значи овој процес дава резултати. Тоа е важно и се надеваме дека може да продолжи – изјави Блинкен.