17.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Фото: Whitehouse.gov/Flickr
ВОЈНА ВО УКРАИНАСВЕТ

Бајден: Едвај чекам Шведска да стане членка на НАТО

По одлуката на Турција повеќе да не го попречува приемот на Шведска во НАТО, има позитивни реакции од светските лидери, јавуваат агенциите. Џо Бајден, кој вчера пристигна во Вилнус на самитот, ја поздрави согласноста на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за шведско членство во алијансата, кое тој го блокираше повеќе од една година.

„Подготвен сум да работам со претседателот Ердоган и со Турција за зајакнување на одбраната и одвраќањето во евроатлантската област“, ​​рече Бајден во изјавата, истакнувајќи дека „едвај чека“ Шведска да стане 32-та членка на НАТО. Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок во понеделникот ја пофали одлуката на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган да го одобри приемот на Шведска во НАТО.

Во пораката на Твитер, Баербок одлуката на Ердоган ја нарече „добри вести кои доаѓаат од Вилнус“.

„Конечно е отворен патот за турска ратификација на членството на Шведска во НАТО“, рече таа.

„Денеска во Вилнус беше направен историски чекор. Патот кон НАТО е отворен за Шведска! Ова е добра вест за шведскиот народ и за нашата заедничка безбедносна и одбранбена политика. Колку е посилен НАТО, толку е побезбедна Европа“, напиша вчера на Твитер, високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел.

Француската министерка за надворешни работи Кетрин Колона објави порака на истата мрежа во која вели дека „ја поздравува најавата на Турција дека има намера да го ратификува протоколот за прием на Шведска во НАТО и се надевам дека тоа ќе се случи наскоро. Шведска ќе го зајакне нашиот сојуз“.

Британскиот премиер Риши Сунак, исто така, се огласи на Твитер, велејќи дека „ова е историски момент за НАТО што не прави сите побезбедни. Шведска, со нетрпение го очекуваме вашето приклучување во алијансата“.