24.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Израел одобри илјадници дозволи за доселеници на Западниот Брег

Израелската влада одобри изградба на околу 5.700 дополнителни станбени единици за еврејските доселеници на окупираниот Западен Брег, и покрај притисокот на САД да се запре проширувањето на населбите што Вашингтон ги гледа како пречка за мирот со Палестинците.

Плановите за изградба на станбени единици во различни области на Западниот Брег беа одобрени од израелскиот Врховен совет за планирање.

Повеќето земји во светот сметаат дека се нелегални населбите изградени на земјиште што Израел го доби во војната на Блискиот Исток во 1967 година. Нивното присуство е едно од основните прашања во израелско-палестинскиот конфликт. Палестинците се обидуваат да основаат независна држава на Западниот Брег и Појасот Газа со главен град источен Ерусалим. Мировните преговори со посредство на САД се замрзнати од 2014 година.

САД се „длабоко вознемирени“ од одлуката, изјави портпаролот на Стејт департментот Метју Милер, додавајќи дека американските власти јавно и приватно му кажале на Израел дека се противат на потезите кои промовираат населби.