25.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТТОП ВЕСТИ

Ердоган положува заклетва за трет претседателски мандат

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска ќе положи заклетва како шеф на државата, откако победи на вториот круг од изборите за продолжување на неговото дведецениско владеење за уште пет години, во време кога економските проблеми на Турција се влошуваат. Инаугурацијата во парламентот ќе биде проследена со раскошна церемонија во претседателската палата во главниот град Анкара, на која ќе присуствуваат десетици светски лидери.

Лидерот на Турција кој воведе промени во општеството, но и ја подели јавноста, победи во вториот круг од 28 мај против моќната опозициска коалиција и покрај економската криза и остри критики по разорниот земјотрес што ја погоди земјата во февруари, а во кој загинаа повеќе од 50.000 луѓе.

Ердоган освои 52,1 отсто од гласовите, а неговиот секуларен ривал Кемал Киличдароглу 47,9 отсто, покажуваат официјалните резултати. Турскиот лидер со најдолг стаж се соочува со непосредни и големи предизвици во третиот мандат поттикнати од забавената економија и тензиите во надворешната политика со Западот.

„Од геополитичка гледна точка, изборите ќе го засилат неодамнешниот притисок на Турција за независна надворешна политика“, рече Мет Герткен, главен геополитички стратег во BCA Research.

„Таа политика има за цел да извлече максимална економска и стратешка придобивка од источните и автократските држави, истовремено спречувајќи трајно прекинување на односите со западните демократии. Тензиите со Западот најверојатно повторно ќе се зголемат, во тие рамки, сега кога Ердоган има нов мандат “, додаде Герткен.

Решавањето на економските проблеми во земјата ќе биде приоритет на Ердоган кој треба да се справи со инфлација од 43 отсто, делумно поради неговата неортодоксна политика на намалување на каматните стапки за да се поттикне растот. Доцна вечерва, претседателот треба да го претстави својот нов кабинет, а медиумите шпекулираат дека улога би можел да има поранешниот министер за финансии Мехмет Шимшек, компромисна личност со меѓународен статус.

Шимшек е познат по тоа што се спротивставува на неконвенционалните политики на Ердоган. Тој беше министер за финансии меѓу 2009 и 2015 година и вицепремиер задолжен за економија до 2018 година, пред да поднесе оставка пред серијата падови на лирата таа година.

Новите пратеници во турскиот парламент вчера положија заклетва на првата седница по изборите на 14 мај, на која присуствуваше и Ердоган. Неговата алијанса има мнозинство во 600-члениот парламент.

Шефот на НАТО Јенс Столтенберг викендов ќе присуствува на инаугурацијата на Ердоган и ќе разговара со него, соопштија од Алијансата. Сојузниците на НАТО нестрпливо чекаат Анкара да ѝ даде зелено светло на Шведска да се приклучи на одбранбената алијанса предводена од САД пред самитот во јули.

Ердоган го одложи одобрувањето на барањето, обвинувајќи го Стокхолм дека пружа засолниште на терористи од забранетата Курдистанска работничка партија (ПКК), која Анкара и нејзините западни сојузници ја сметаат како терористичка група.

Шефот на шведската дипломатија Тобијас Билстром на Твитер објави дека на состанокот на НАТО во Осло се појавила „јасна порака“ до Турција и Унгарија да го започнат процесот на ратификација. Неговиот турски колега Мевлут Чавушоглу одговори: „Кристално јасна порака до нашите шведски пријатели! Исполнете ги обврските што произлегуваат од Трилатералниот меморандум и преземете конкретни чекори за борба против тероризмот. Остатокот ќе следи“.