12.8 C
Скопје
17. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Donald Trump/Offical fan page
СВЕТ

Трамп и, официјално, непријател број 1 во кампањата на Бајден

Американскиот претседател Џо Бајден е максимално фокусиран на спречување на поранешниот претседател Трамп да се врати во Белата куќа – порака што беше јасно и гласно изразена во неговата најава за реизбор во вторникот, пренесува „Хил“.

Бајден недвосмислено го напаѓа Трамп предупредувајќи ја земјата – и нервозните демократи – дека САД не може да си дозволат уште четири години со Трамп на власт. Тоа е стратегија што има смисла за Бајден, кој се смета себеси за демократ, што е најдобро позициониран да го победи Трамп и кој еднаш веќе го стори тоа.

Фокусот на кампањата на Бајден врз Трамп е во полн ек уште од првите две сцени од промотивното видео, кое ги прикажува немирите на 6 јануари и насилствата од поддржувачите на Трамп тој ден.

Држејќи се до наративот „МАГА републиканци,“ кампањата на Бајден истакнува дел од најтврдокорните конзервативци во земјата – републиканката Марџори Тејлор Грин од Џорџија, која го нарече лажго во обраќањето до нацијата, и гувернерот на Флорида, Рон де Сантис, главен ривал на Трамп кај републиканците, потенцијално попроблематичен противник за Бајден.

„Трамп секојдневно ѝ олеснува на кампањата на Бајден да го позиционира како закана за нашата демократија. Гласачите го сфатија тоа на средномандатните избори и очекувам да видат уште повеќе докази до денот на претседателските избори“, вели поранешен функционер во демократската претседателска кампања.

Најавата на Бајден во вторникот јасно покажа дека изборите во 2024 година ќе бидат во знакот на негативните кампањи.

„Нема сомнеж дека ова ќе бидат грди избори. Но, претседателот и неговиот тим ја разбираат тежината на моментот и не си играат играчки“, вели тој.

Брус Мелман, поранешен функционер за време на претседателот Џорџ В. Буш и основачки партнер во „Мелман консалтинг“, тврди дека тимот на Бајден се приклонува кон ваква стратегија затоа што мисли дека Трамп ќе ги загуби умерените гласачи по прашањата, како фундаментализмот за абортусот и тврдењата за изборна измама на изборите во 2020 година.

Но, сегашниот фокус на Трамп е само една област пред да се обликува остатокот од стратегијата на кампањата на Бајден, тврди лобистот и поранешен претставник на Демократскиот национален комитет, Иван Запиен.

Бајден со месеци се соочуваше со сомневања дали ќе се кандидира за реизбор. Тој има 80 години и на крајот на вториот мандат би имал 86 години. Ставањето акцент на опасностите што доаѓаат со Трамп, кој е четири години помлад од него, може да биде начин да се одвлече вниманието од тие прашања.

Еден демократски стратег истакна дека демократите приватно сметаат оти возраста и здравствената состојба на Бајден се проблем, но малкумина го кажуваат тоа отворено.

Фокусот врз Трамп исто така го одвлекува вниманието на јавноста и од негативните ефекти од првиот мандат на Бајден – тврдоглавата инфлација и лошата економија, како и редовните предупредувања за можна рецесија.

Тие економски неволји, веројатно, ќе фрлат сенка врз кампањата на Бајден.