25.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
izbori
СВЕТ

Петковиќ: Србите го испратија Курти во контејнер

Резултатите од вчерашните избори покажуваат дека тие избори се пораз за Албин Курти и меѓународната заедница, изјави денеска директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Петар Петковиќ.

Дека овие избори се победа на српското единство, покажуваат резултатите од вчерашните избори во четири општини на северот на Косово и Метохија, на кои излегле 1.567 од 45.950 гласачи, а меѓу нив само 13 Срби, соопшти Петковиќ.

„Тие избори беа организирани од Приштина, освен 13-те што излегоа, сите други Срби останаа дома, контејнерите во кои се фрлаа гласачките ливчиња беа празни како и гласачките кутии. Српскиот народ остана мирен, не реагираше на секакви провокации и покажа целосно единство и дека верува само во претседателот на Србија, Александар Вучиќ и дека има само една држава, а тоа е Србија“, рече Петковиќ во гостувањето на РТС.

Тој посочи дека Албанците според вчерашните резултати ќе водат четири српски општини и ќе управуваат со Србите кои сочинуваат 98 отсто од населението на северот на Косово и Метохија и дека српскиот народ целосно се повлече.

„Тоа ја покажува новата реалност што се појавува и дека Србите посочија дека нема да има нормализација на односите и напредок додека не се формира Заедницата на српските општини. Курти сакаше да ги натера Србите да гласаат, а бојкотот на Србите покажа дека српскиот народ го испрати Курти во контејнер“ наведе Петковиќ.

Тој оцени дека вчерашната победа на изборите е всушност пирова победа и дека сето она што Курти го правел во последните недели и месеци и дека кажувал дека вчера ќе има инциденти и дека изборите ќе бидат празник на демократијата – дека сето тоа отишло во вода и дека секој може да го види вистинското лице на Курти, кој сакал да го искористи изборниот процес за да протера цел народ.