12.8 C
Скопје
10. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Нехамер: Војната не е решение, го поддржуваме територијалниот интегритет и суверенитет на Украина

Сојузниот канцелар на Република Австрија, Карл Нехамер, на својот твитер-профил сподели објава преку коа ја изрази својата поддршка за Украина.

Еден од твитовите вели дека денеска се одбележува годишнината од руската инвазија на Украина.

„Се случи незамисливото. Повторно војна во Европа“, напиша Нехамер продолжувајќи дека последиците од војната се уништување, воени злосторства, безброј жртви и милиони раселени луѓе.

Во следниот твит Нехамер напиша дека Австрија се солидаризира со Украина и дека иако е воено неутрална, не е политички неутрална.

„Од почетокот поддржувавме како држава и како општество воена и хуманитарна помош. Воено сме неутрални, но политички никогаш не сме неутрални кон масовното кршење на меѓународното право“, напиша Нехамер и додаде дека војната никогаш не е решение и дека Австрија го поддржува територијалниот суверенитет и интегритет на Украина.

Да потсетиме, Русија пред една година, на 24 февруари 2022 година, ја нападна соседна Украина. Потоа следуваше одговорот на Западот и Соединетите Американски Држави со воведување санкции кон Руската Федерација.

Неколку стотици илјади луѓе беа убиени и ранети во оваа војна, а милиони, и од едната и од другата страна, ги напуштија своите земји.