10.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Путин првпат како претседател нема да ја одржи традиционалната прес-конференција

Рускиот претседател Владимир Путин нема да ја одржи својата традиционална прес-конференција на крајот на годината, објави Кремљ, во услови на бројни руски воени неуспеси во Украина и санкции од Запад наметнати на Москва.

„Нема да има претседателска прес-конференција до почетокот на новата година“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков во телефонски брифинг, истакнувајќи дека Путин разговарал со новинарите и во други прилики, особено за време на неговите патувања во странство.

Од 2001 година, голема конференција редовно се организираше со новинарите на Владимир Путин, со исклучок на периодот од 2008 до 2012 година, кога тој беше премиер.

На таа годишна прес-конференција, која обично трае неколку часа, се собираат стотици руски и странски новинари, а Путин во живо одговара на прашања на различни теми, од дипломатија до секојдневни руски теми.

Одлуката да не се одржи традиционалната прес-конференција на крајот на годината дојде откако Русија, која започна воена офанзива против Украина во февруари, претрпе неколку воени неуспеси во последните месеци и нареди делумна мобилизација во септември.

Погодена од серија западни санкции од почетокот на офанзивата, Русија сега се соочува со ембарго на нејзините испораки на нафта во ЕУ.