21.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Раиси му одговори на Бајден: Иран беше ослободен во 1979 година

Иранскиот претседател Ебрахим Раиси денеска изјави дека Иран е ослободен од Исламската револуција во 1979 година како одговор на ветувањето на американскиот претседател Џозеф Бајден дека набргу „ќе го ослободи Иран“.

Бајден им порача на приврзаниците на предизборниот митинг во четвртокот да не се грижат бидејќи тој ќе го „ослободи Иран“ откога членовите на публиката го повикаа да се обрати на актуелните протести што се проширија во целата земја по смртта на 22-годишната Махса Амини во полициски притвор.

„Му кажувам на Бајден дека Иран е ослободен пред 43 години“, рече иранскиот претседател во обраќањето што беше емитувано во живо на државната телевизија.

Во Иран денеска државните организации одржуваат митинзи за да ја одбележат годишнината од заземањето на американската амбасада во Техеран во 1979 година.

На 4 ноември 1979 година неколку стотици радикални исламски студенти упаднаа во дворот, а потоа и во зградата на американската амбасада во Техеран, каде што ги зедоа како заложници американски вработени, кои работеа во Амбасадата, а 55 од нив ги држеа во заробеништво 444 дена.

Меѓу другото, студентите побараа американските власти да му го предадат на Иран соборениот владетел Мохамад Реза Пахлави за да биде осуден на смрт.

Шах Пахлави од Иран, кој управуваше со Иран со поддршка на САД, беше соборен по Иранската револуција во 1979 година, а кога монархијата беше официјално укината и прогласена Исламската Република, тој избега од земјата. Оттогаш двете земји се во непријателски односи, пренесува „Танјуг“.

Снимката емитувана на државната телевизија денес покажува антиамерикански демонстрации, на кои присуствуваа десетици илјади луѓе во целата земја на Националниот ден против глобалната ароганција извикувајќи „Смрт за Америка“ опишувајќи го иранскиот непријател како олицетворение на сатаната, според „Ројтерс“.

Администрацијата на Бајден се соочува со зголемени критики од иранско-американски активисти, кои ја повикуваат Белата куќа да се откаже од напорите за обновување на иранскиот нуклеарен договор поради протестите во земјата што властите насилно ги задушуваат.

Протестите во Иран почнаа во септември по смртта во притвор на 22-годишната Махса Амини по апсењето од иранската полиција поради морал за наводно несоодветно носење хиџаб, односно непокривање на главата на пропишан начин.

Американската администрација минатиот месец објави санкции против иранските официјални лица поради нивниот брутален однос кон демонстрантите, а исто така неодамна воведе нови санкции кон Техеран за снабдување со беспилотни летала и техничка помош за Русија во нејзината војна против Украина.