17.8 C
Скопје
17. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Договорена заедничка изјава за Карабах

Русија, Ерменија и Азербејџан договорија заедничка изјава за Карабах, објави рускиот претседател Владимир Путин.

Тој ова го изјави по трилатералната средба во Сочи со претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев и премиерот на Ерменија, Никол Пашинјан.

Путин нагласи дека Русија ќе направи се’ за нормализирање на односите меѓу Ерменија и Азербејџан и ќе направи се’ за да се стави крај на конфликтот.

„Денеска договоривме заедничка изјава. Морам искрено да кажам: не беше сè договорено, некои работи требаше да се отстранат од текстот што беше претходно разработен на ниво на експерти“, посочи Путин.

Сепак, како што појасни, тоа создава услови за понатамошни чекори кон решавање на ситуацијата во целина.

Москва ќе направи се за да се постигне конечно и сеопфатно решение на односите меѓу Баку и Ереван, нагласи рускиот претседател.

Путин, Алиев и Пашинјан се сретнаа за да ја решат ситуацијата во Нагорно Карабах.

Како што изјави Путин, самитот за Карабах покажал дека страните можат да се договорат за иднината и дека сите се заинтересирани за нормализација на односите.

Рускиот лидер додаде дека Русија останува во контакт со Ерменија и Азербејџан со цел да продолжи дијалогот и да се стави крај на конфликтот во овој регион.

Путин додаде дека средбата со Пашинјан и Алиев, која траеше повеќе од два часа, била корисна и дека е создадена атмосфера за идни договори.

„Тоа (состанокот), според мене, создаде многу добра атмосфера за идни можни договори за некои принципиелни прашања“, истакна рускиот лидер.

На оваа средба и претходеа билатерални средби на Путин со Алиев и Пашинјан.