21.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Uncategorized

Спасовски: Чествувањето на јубилејот на “Нова Македонија“ – 29 октомври – претставува не само чествување на новинарството, на повеќе деценискиот новинарски труд и потфат, туку и своевидно симболичко чествување на сите минати времиња на слободна македонска држава

Фејсбук статус на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски:

Дневниот весник “Нова Македонија“, без никаква дилема,колку заради фактот што претставува прв македонски медиум, а уште повеќе и поради фактот што неговиот прв број излегува на крајот од Народноослободителната војна на македонскиот народ на 29 октомври 1944, за сите нас е еден од оние суштински темелници на нашата државност, израз на вековниот стремеж за наша национална слобода.

“Нова Македонија“ е веродостоен и доследен хроничар и сведок на макотрпниот и тежок пат на создавање на држава, на изградбата на општество, на неговите институции, на животот на сите обични луѓе низ децениите сосе сите нивни турбуленции, предизвици и премрежија.

Дополнително, во тие, еве денес веќе 78 години постоење, преку неговите страници и низ неговите редакции се профилираа импозантни наши личности, општественици и дејци успешни во различни области чии што придонес е тесно вткаен во развојот на нашата држава, вклучително и во годините по распадот на поранешната СФРЈ, односно во годините на самостојно и суверено егзистирање на денешна Република Северна Македонија.
Оттаму, навистина, чествувањето на јубилејот на “Нова Македонија“ – 29 октомври – претставува не само чествување на новинарството, на повеќе деценискиот новинарски труд и потфат, туку и своевидно симболичко чествување на сите минати времиња на слободна македонска држава.

Верувам и се надевам дека “Нова Македонија“ ќе продолжи, како досега така и отсега, да биде професионален, точен и кредибилен медиум, општествено одговорен фактор на јавната сцена, во интерес и на својата читателска публика, но и на сите граѓани на Република Северна Македонија.