10.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Џорџа Мелони официјално побара мандат за формирање влада

Претседателката на „Браќата на Италија“, Џорџа Мелони, чија партија има неофашистички корени, изјави денеска во Рим дека таа и нејзините десничарски сојузници побарале од италијанскиот претседател Серџо Матарела да ѝ го довери мандатот за формирање влада.

Мелони, заедно со нејзините десничарски сојузници, лидерот на „Лигата“, Матео Салвини и претседателот на партијата „Напред Италија“, Силвио Берлускони имаа средба со Матарела во претседателската палата „Квиринал“.

По состанокот, Мелони им рече на новинарите дека десничарската коалиција едногласно му укажала на Матарела дека заслужува мандат да формира нова влада.

„Му посочивме дека треба да добијам мандат да формирам нова влада. Подготвени сме и сакаме работите да се развијат што е можно поскоро“ – рече Мелони.

Берлускони и Салвини, кои молчеа за време на краткото обраќање на Мелони пред новинарите, се долгогодишни обожаватели на рускиот лидер Владимир Путин.

Мелони, од друга страна, силно ја поддржува Украина во нејзиниот отпор кон руската инвазија, што може да влијае на стабилноста на владејачката коалиција.

Официјално, од кабинетот на Матарела посочија дека одлуката на шефот на државата за доделување на мандатот на Џорџа Мелони може да биде објавена подоцна.

Доколку 45-годишната Мелони успее да формира влада, таа ќе стане првата жена премиер на Италија.