22.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Архива
СВЕТ

Во поплавите во Нигерија од јуни досега загинаа 500 луѓе, а 1,4 милион се раселени

Повеќе од 500 луѓе загинаа од јуни во најголемите поплави во Нигерија во последната деценија бидејќи обилните врнежи принудија 1,4 милион луѓе да ги напуштат своите домови, соопштија властите.

Од почетокот на сезоната на дождови многу делови од најнаселената африканска земја се уништени од поплави, што ги поттикна стравувањата од несигурност на храна и инфлација.

Повеќе од 1,4 милион луѓе се раселени, околу петстотини загинаа, а 1.500 се повредени во поплавите, соопшти нигериското Министерство за хуманитарни прашања. Целосно се уништени повеќе од 45.000 куќи и 70.000 хектари обработливо земјиште.

Портпаролот на Државната агенција за управување со катастрофите, Манцо Езекиел, рече дека податоците се од минатиот викенд.

Сезоната на дождови почнува во јуни, но поплавите беа особено смртоносни во август и септември, додаде Езекиел. Во петокот 76 лица загинаа кога потона брод во државата Анамбра поради ненадеен пораст на нивото на водата на реката Нигер.

Синоптичарите предвидуваат продолжување на врнежите во наредните недели, што може да предизвика уште поголеми штети. Сезоната на дождови обично завршува во ноември на северот од земјата и во декември на југ. Покрај дождот, поплавите се резултат и на отворањето на браните, кои треба да ги спречат поплавите.

Во 2012 година во големите поплави загинаа 363 луѓе, а 2,1 милиона беа раселени.

Во Нигерија, која има околу 215 милиони жители, производителите на ориз предупредија дека поради разорните поплави, оваа година неговата цена може значително да порасне, а увозот е забранет со цел да се поттикне домашното производство.