12.8 C
Скопје
17. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТТОП ВЕСТИ

Бајден пристигнува во прва посета на Блискиот Исток, главна тема е иранската нуклеарна програма

Американскиот претседател Џозеф Бајден ќе ја оствари својата прва посета на Блискиот Исток, со цел да ги увери официјалните лица на Израел и Саудиска Арабија дека ќе се обиде да го спречи Иран да добие нуклеарно оружје.

Посетата на Бајден започнува во Израел околу 15:30 часот по локално време (14:30 часот по средноевропско време), кога се очекува претседателскиот авион да слета на меѓународниот аеродром Бен Гурион во близина на Тел Авив. Бајден ќе биде пречекан од израелскиот претседател Исак Херцог и премиерот.

Израелските власти најавија дека нуклеарната програма на Иран ќе биде во фокусот на нивните разговори.

Бајден има намера да го оживее нуклеарниот договор со Иран, постигнат со посредство на Барак Обама во 2015 година и напуштен од Доналд Трамп три години подоцна.

Индиректните преговори за повторно влегување во договорот сега се во застој, а Иран успешно ја развива својата нуклеарна програма.

На почетокот на посетата на Израел на Бајден се очекува да му биде врачен новиот израелски противракетен одбранбен систем Железен зрак и да го посети Меморијалниот центар на холокаустот Јад Вашем во Ерусалим.

Тој ќе се сретне одделно прво со израелски, а потоа во петок на Западниот Брег со палестински претставници, пред да отпатува од Тел Авив директно во Џеда во Саудиска Арабија.

На Бајден ќе му биде доделен Претседателскиот медал на честа на Израел и ќе ги посети американските спортисти кои учествуваат на Макабија, еврејската Олимпијада, со илјадници еврејски и израелски спортисти ширум светот.

Во пресрет на посетата на Бајден, израелските власти најавија дека САД и Израел ќе ја објават „Ерусалимската декларација“ и ќе заземат цврст став против иранската нуклеарна програма.

Декларацијата ќе ги обврзе двете земји да ги искористат сите елементи на нивната национална моќ против иранската нуклеарна закана, изјавил неименуван израелски претставник.

Бајден треба да ја претстави визијата на неговата администрација за Блискиот Исток во Џеда, објави Белата куќа.

Собирот ќе му овозможи да им се обрати не само на Саудијците, туку и на лидерите на Бахреин, Кувајт, Оман, Катар и Обединетите Арапски Емирати, како и на Египет, Ирак и Јордан, кои не се членови на Советот.

Израелските власти се надеваат дека посетата на Бајден може да претставува пресвртница во бавниот пат кон нормализација на односите меѓу Израел и Саудиска Арабија.