17.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ВОЈНА ВО УКРАИНАСВЕТ

Финска и Шведска не треба да се плашат од руска одмазда, вели поранешен британски министер

Поранешниот британски министер за одбрана, Мајкл Фалон, напиша статија за „Телеграф“ во која ја анализира најавата за пристапување на Финска, а веројатно и на Шведска, кон НАТО алијансата.

„Одлуката на Финска да аплицира за членство во НАТО, по што речиси сигурно ќе следи и Шведска, е веројатно најголемата грешка и најлошата проценка на Путин досега. Да разјасниме што значи ова. Двете земји сакаат да се приклучат на НАТО, не затоа што се плашат од непосреден руски напад, туку затоа што веруваат дека силната алијанса е најдобрата гаранција за европската безбедност“, посочува тој.

Според Фалон, овие земји разбираат дека Русија и НАТО не можат да бидат рамноправни партнери.

„Русија постојано покажува дека не ги почитува меѓународните договори: Путин ги прекрши договорите за меѓународните граници, за употребата на хемиско и биолошко оружје, за стационирање на војници во Грузија и Молдавија, за развој на нуклеарно оружје…

Во 1994 година, Русија беше една од потписниците на Будимпештанскиот договор, со кој се гарантира територијалниот интегритет на самата Украина. Дваесет години подоцна, таа го нападна Крим и започна бунт во Донбас“, се наведува во текстот.

Според Фалон, Финска и Шведска веќе знаат дека Русија не може да го спречи нивното пристапување и додава дека земјите не треба да се плашат од одмазда.

„Ако наводно силната руска армија не успеја да го освои Киев, тешко дека ќе успее да го освои Хелсинки. Русија сега се соочува со долга и тешка војна.

Ниту Финска, ниту Шведска не треба да се гледаат како слаби земји очајни за засолниште под чадорот на НАТО. И двете имаат многу ефикасни, добро опремени армии кои веќе тренираат и вежбаат со силите на НАТО“, нагласува поранешниот британски министер.