24.8 C
Скопје
20. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ВОЈНА ВО УКРАИНАСВЕТ

(Видео) Руски портал направи реконструкција на масакрот во Буча, имаат ново видео

Независниот руски портал „Медуза“ направи реконструкција на масакрот во Буча. Од „Медуза“ дошле до снимката од дрон, за која велат дека е направена помеѓу 23 и 30 март, во време кога руските војници биле во Буча.

Овој портал тврди дека видеото е доказ оти злосторствата и убиствата се извршени во време кога руските војници биле во градот.

Снимките од дрон покажуваат уништени улици и трупови на патот. Новинарите на „Медуза“ ја споредиле снимката од дрон со фотографии направени на местото на настанот.

„На овие снимки можете да ги видите телата на убиените како лежат на улицата Јаблонска, како и на неколку соседни улици. Ги лоциравме локациите на телата и тие целосно се совпаѓаат со снимките од локациите на телата преземени од украинската полиција и новинарите, а направени на 1 и 2 април, по повлекувањето на Русите“, пишува „Медуза“.

„Важно е да се напомене дека сите мртви снимени од воздух лежат не само на исто место, туку и во иста положба како на сликите направени од земја“, нагласува „Медуза“.

Порталот објаснува и зошто веруваат дека снимката е направена во време кога во градот имало Руси. Прво, пишува „Медуза“, на снимките од воздух јасно се гледа руската воена опрема. Опремата е видлива од 23 до 28 март, а подоцна ја нема повеќе. Второ, велат, од метаподатоците го прочитале точното време на снимањето. Трето, додаваат тие, бидејќи и метаподатоците може да се фалсификуваат, користеле астрономија и сенки. Тоа, велат, се поклопило со податоците од метаподатоците на снимката.