17.8 C
Скопје
17. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ВОЈНА ВО УКРАИНАСВЕТ

Сојузникот на Путин поднесе оставка од управниот одбор на „Новатек“ – рускиот олигарх беше цел на санкции

Генадиј Тимченко, долгогодишен сојузник на рускиот претседател Владимир Путин, денеска поднесе оставка од одборот на директори на компанијата за производство на гас „Новатек“, откако беше цел на санкции поради руската воена кампања во Украина, пренесува „Ројтерс“.

„Новатек“, најголемиот руски приватен производител на природен гас, не ги соопшти причините за оставката на Тимченко, кој е во бордот на директори од 2009 година, а претставникот на овој руски милијардер одби да коментира.

Европската Унија и Британија минатиот месец воведоа санкции против Тимченко и другите руски богаташи, објаснувајќи дека се поврзани со Путин.

Тимченко, кој е на листата на американски санкции по анексијата на Крим кон Русија во 2014 година, беше шести најбогат Русин минатата година со нето-богатство од 22 милијарди долари, според магазинот „Форбс“.

Бизнисменот, кој е и член на Управниот одбор на „Сибур“, компанија која произведува петрохемиски производи, беше ко-основач на швајцарската компанија за трговија со нафта „Гунвор“. Тимченко го продаде својот удел во „Гунвор“ во 2014 година, откако САД воведоа санкции против него.