20.8 C
Скопје
20. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ВОЈНА ВО УКРАИНАСВЕТ

Турција денеска го отвора најдолгиот мост меѓу Европа и Азија

Во Турција денеска свечено ќе биде отворен мостот „Чанаккале 1915“ над Дарданелите, кој ги поврзува Европа и Азија во должина од 4,6 километри.
Тој е еден од најдолгите такви мостови во светот и најдолгиот мост меѓу Европа и Азија.

Мостот, познат и како ѓердан на теснината Чанаккале, свечено ќе го отвори турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на 107-годишнината од поморската битка во Чанаккале, јавуваат агенциите.

Тој ќе стане најдолгиот висечки мост со среден распон во светот.

Мостот ќе го скрати времето на патување меѓу Азија и Европа на шест минути, пишува „Дејли сабах“.

Се наведува дека патувањето со ферибот меѓу европската и анадолската (азиска) страна на Дарданелите трае приближно 30 минути, а дека превозот со траект понекогаш се откажува поради невремето.

Истовремено, за време на празничната сезона чекаат во ред со часови за да се качат.

Мостот „Чанаккале 1915“ ќе биде најдолгиот висечки мост во светот, со вкупна должина од 4.608 метри, со распон меѓу носечките столбови од 2.023 метри, должина што ја симболизира 2023 година, одбележувајќи ја 100-годишнината од основањето на Републиката.

Пилоните, во форма на артилериски гранати како дел од битката кај Галиполи, се високи 318 метри и обоени во црвено-бело, односно во боите на турското знаме.

Изградбата почна во март 2018 година, а проектот чинеше вкупно 3,1 милијарди евра, 100 милиони евра повеќе од планираното поради влијанието на пандемијата и зголемените цени на материјалите.