10.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ВОЈНА ВО УКРАИНАСВЕТ

Руската инвазија досега ѝ нанела штета на Украина од најмалку 100 милијарди долари

Советникот на украинската влада за економија, Олег Устенко, изјави дека руските сили досега предизвикале штета на украинската инфраструктура, згради и друг имот од најмалку 100 милијарди американски долари.

Устенко на онлајн-состанок рече дека 50 отсто од украинските компании се целосно затворени поради војната, а другата половина работи далеку под капацитетот.

Тој рече дека процената на штетата вклучува патишта, мостови, болници, опрема и други средства.

Запрашан како може да се финансира реконструкцијата, советникот на украинската влада предложи дел од парите да биде обезбеден од руските средства замрзнати во светот, вклучително и средствата на руската централна банка во странство. Замрзнатиот имот на руските олигарси може да биде префрлен и во фондот за обнова.

Во врска со издржливоста на украинскиот финансиски систем и банкарските плаќања, Устенко рече: „Би рекол дека во сегашните околности е во ред“. Тој додаде дека фискалните резерви на Украина се приближно 27,5 милијарди долари, од 30 милијарди долари пред инвазијата.

И покрај притисокот врз локалната валута, Украинците во неокупираните области може да пристапат до готовина од банкомат и да плаќаат на касите на супермаркетите без долгите редици видени во првите два дена од војната, а плаќањата со кредитни картички и другите форми на електронско плаќање функционираат нормално.

„Дури и во градовите што сега се опкружени со руска армија жителите може да користат картички“, рече Устенко.