20.8 C
Скопје
23. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ВОЈНА ВО УКРАИНАСВЕТ

Зеленски: Само со директни разговори со Путин може да се стави крај на оваа војна

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за германски „Билд“ зборуваше за руската инвазија на Украина.

Новинарот на „Билд“ побара од него да ја процени ситуацијата во Киев и колку време можеби ќе им треба на Русите да влезат во градот, односно колку се далеку од него.

„Видете, сите пристапни патишта до Киев се блокирани, но ние сме тука, а вие можете да го сведочите тоа. Не ми е гајле каде се крие непријателот или колку блиску ќе ни дојде. Загрижен сум за состојбата на нашата земја, загрижен сум резервите со вода и храна. Загрижен сум за Мариупол, Донецк, Запорожје, Мелитопол, Волноваха, Харков… Ситуацијата таму е ужасна“, вели Зеленски.

„Луѓето немаат вода и храна, а во Мариупол е на дело хуманитарна катастрофа. Испративме хуманитарни конвои од сите делови на Украина, но тие пукаат во нив, руските војници не сакаат да ги пропуштат. Сепак, имаме многу храбри возачи кои продолжуваат да се пробиваат и покрај гранатите“, вели Зеленски.

Новинарот на „Билд“ тогаш му порача на украинскиот претседател дека мисли оти Киев набргу ќе биде под опсада.

„Од што би се плашел? Не смеам да се плашам, останувам смирен“, рече Зеленски додавајќи дека најлошото веќе ѝ се случило на Украина. „Имаме војна, многу луѓе ги загубија животите, нашата држава е уништена… Но, ние веруваме во иднината. Нема да се откажеме, нема да ја продадеме нашата земја“, рече тој.

Зеленски беше прашан и за барањето на Русија, Украина да ја признае независноста на двата одметнати региона во Донбас и да го прифати Крим како дел од Руската Федерација.

„Не станува тука збор од што би можеле да се откажеме. Во секое преговарање мојата цел е да се стави крај на војната со Русија и во таа смисла сум подготвен на одредени чекори. Компромисите се неопходни, но тие не смее да бидат предавство“, рече Зеленски.

„А и другата страна мора да биде подготвена на компромиси, затоа се нарекуваат компромиси. Тоа е единствениот излез од оваа ситуација. Но, сè уште не можам да зборувам за детали. Не остваривме директен контакт меѓу двајцата претседатели, а сепак само со директни разговори меѓу двајцата претседатели може да се стави крај на оваа војна“, заклучува украинскиот претседател во интервју за „Билд“.