11.8 C
Скопје
23. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ВОЈНА ВО УКРАИНАСВЕТ

Џонсон за нападот врз болницата за деца: Ќе се погрижиме Путин да одговара за злосторствата

Британскиот премиер Борис Џонсон го осуди бомбашкиот напад врз детската болница и породилиштето во Мариупол.

„Малку се работите што се посурови од таргетирање на ранливите и оние без одбрана“, напиша Џонсон на „Твитер“.

Тој рече дека Британија истражува како да обезбеди поголема поддршка за Украина во одбраната од воздушни напади.

„Ќе се погрижиме Путин да биде одговорен за овие ужасни злосторства“, додаде Џонсон, кој на твитот со хаштаг стави „Путин мора да пропадне“.

Градскиот совет на Мариупол соопшти дека детската болница била уништена во руското бомбардирање.

„Руските окупаторски сили фрлија повеќе бомби врз детска болница. Уништувањето е огромно“, велат тие.

Се огласи и претседателот на Украина, Володимир Зеленски.

„Мариупол. Директен удар од руските сили во породилиштето. Под урнатините има деца. Злосторства! Уште колку светот ќе биде учесник и ќе го игнорира овој терор? Затворете го небото сега! Престанете да убивате! Имате моќ, но изгледа го загубивте човечкото во вас“, напиша Зеленски на социјалните мрежи.