10.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Украински министер: Русија трпи пораз по пораз, затоа се откажаа од ултиматумот

Наредбата на рускиот претседател Владимир Путин да се стават руските нуклеарни сили во готовност е пресметан обид за притисок пред почетокот на преговорите, но Киев не може да биде заплашен, соопшти Украина.

Украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, исто така рече дека Русија се откажала од своите предуслови за почеток на преговори бидејќи украинската војска ја забавила нејзината офанзива. Тој додаде дека Украина ќе слуша што Русија има да каже.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија се согласила на преговори на белоруската граница во близина на реката Припјат, што ќе бидат први преговори откако Русија ја започна инвазијата на Украина во четвртокот.

Веднаш не беше јасно кој ќе ги претставува страните во преговорите кои се закажани за утре (понеделник). Украинските медиуми соопштија дека Украина ќе го испрати на состанок заменикот на Кулеба.

„Оваа најава, оваа наредба ја гледаме како обид да се подигне влогот и да се изврши дополнителен притисок врз украинската делегација, но нема да попуштиме пред притисокот“, рече Кулеба.

Украина тврди дека Русија веќе изгубила илјадници војници, но точниот број не може да се утврди од независни извори, а Русија не објави свои податоци.

„Сакам да потсетам дека само пред неколку дена, кога започна војната, Русија воопшто не беше заинтересирана за преговори. Откако претрпеа загуби и откако нивниот блицкриг не успеа, Русија почна да зборува за тоа“, рече Кулеба.

„Додека Русија продолжи да страда, а руската армија трпеше пораз по пораз, барањата, предусловите и руските ултиматуми беа ставени на страна и сега ни испратија порака дека само сакаат да разговараат“, додаде министерот, посочувајќи дека Украина нема да препушти ни еден метар од нејзината територија.