10.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Руската амбасада во Сараево: САД подготвуваат „украинско сценарио“ за БиХ

Руската амбасада во Босна и Херцеговина на својот официјален профил на „Фејсбук“ порача дека нема инвазија во Украина, обвинувајќи ги САД за дестабилизација на БиХ и за подготвување на сценарио, како што се вели, слично на украинското.

Како што пишува хрватски „Индекс“ повод за реакцијата била пораката што во саботата била објавена на „Инстаграм“ од страна на американската амбасада. Во американската објава се цитирани руски официјални лица кои пред нападот на Украина велеле дека нема да има инвазија односно дека Западот шири лажна пропаганда.

„Тие излажаа“, се заклучува во пораката, во која се посочуваат изјави од луѓе како рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, портпаролот на Путин, Дмитриј Песков и Анатолиј Антонов, рускиот амбасадор во Вашингтон.

Објавувањето на таа порака многу ги налути руските дипломати во Сараево, па тие повторно одговорија со демантирање дека е во тек инвазија на Украина.

„Како и обично, Американците лажат. Затоа што нема инвазија. Наместо тоа, има специјална воена операција за демилитаризација и денацификација на украинскиот режим“, ја повторија од амбасадата пораката од говорот на Путин.