17.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Портпаролот на ЕУ: Путин е на пат да изврши геноцид

Портпаролот на ЕУ, Петер Стано денеска во Брисел изјави дека никој не може да ја превиди крајната цел на руската воена инвазија на Украина и ги отфрли објаснувањата на рускиот претседател Владимир Путин дека се работи за спречување на геноцид и „денацификација“ на Украина.

„Тоа е целосно бесмислено, бидејќи тој е оној кој го извршува (геноцидот) или е на пат да го изврши. Тој зборува за ослободување на Украина од нацизмот, но се однесува како нацист“, рече Стано.

Портпаролот на ЕУ на редовната прес-конференција во Брисел изјави дека никој не ја знае конечната цел на Путин, бидејќи, како што вели Стано, тој никогаш официјално не ја објавил.

„Ова е толку ирационално, неоправдано и неразбирливо што е тешко да се види која е целта. Гледаме што се случува. Во суштина, тој сака да ја уништи Украина, да и ја одземе независноста и да предизвика штета и страдање на украинскиот народ. Тоа е апсолутно нехумано и нецивилизирано и не припаѓа на Европа од 21 век“, објасни Стано.

Портпаролот нагласи дека ЕУ е подготвена за секое сценарио.

„Она што се обидуваме да му го претставиме на секој партнер од ЕУ е дека Русија го исмева меѓународното право и намерно ја прекрши Повелбата на ОН. Цивилизираниот и демократски свет мора да се спротивстави на оваа закана, која е најголема од Втората светска војна и ги засега не само Украина и ЕУ, туку цела Европа“, посочи Стано.