25.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТИЗБОР

Советник на Бајден најавува екстремно насилен руски напад, Зеленски го свика Советот за безбедност

Американските власти велат дека потезите на Москва на терен се во согласност со подготовките за инвазија на Украина, пишува Си-ен-ен.

Официјален претставник запознаен со најновите разузнавачки информации изјави дека подготовките на руската армија продолжуваат без прекин додавајќи дека нема забавување.

„Тактичките показатели покажуваат дека руските сили на теренот по должината на границата со Украина го прават токму она што би го направиле доколку им е кажано да нападнат“, додаде функционерот.

Други индикатори, како што се блокирање на електронската опрема и широко распространетите хакерски напади, сè уште не се евидентирани, изјавиле неколку извори за Си-ен-ен.

Истите извори тврдат дека наредбите за напад секогаш може да се повлечат и велат дека Русите можеби намерно маневрираат по должината на границата за да ги залажат САД и сојузниците.

Советникот на Бајден за национална безбедност, Џејк Саливaн, денеска изјави дека рускиот напад врз Украина може да почне во следните неколку денови или часови и дека би бил екстремно насилен.

„Веруваме дека секоја воена операција, од размери какви што мислиме дека Русите планираат би била исклучително насилна. Животи на Украинци и Руси, на цивили и војници, ќе бидат изгубени. Но, имаме и разузнавачки информации, кои сугерираат уште поголема бруталност бидејќи тоа нема да биде конвенционален судир меѓу две војски. Тоа ќе биде војна што Русија ќе ја почне против украинскиот народ – да го згази“, рече Саливaн.

Во меѓувреме, рускиот претседател Владимир Путин најави телевизиско обраќање до јавноста, a oфицијален Кремљ веќе потврди дека Русија ќе ја признае независноста на двете сепаратистички републики на истокот од Украина.

Паралелно со најавите за потегот на Путин, кој сега доби и официјална потврда, украинскиот претседател Володимир Зеленски свика седница на Советот за национална безбедност.

Зеленски на „Твитер“ напиша: „Со оглед на изјавите дадени на состанокот на Советот за безбедност на Руската Федерација, одржав итни консултации со Емануел Макрон и Олаф Шолц и свикав седница на Советот за национална безбедност и одбрана“.