25.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТИЗБОР

Европските лидери го осудија признавањето на Донецк и Луганск: „Мрачно навестување за она што следува“

Претседателката на Европската комисија, претседателот на Европскиот совет и шефот на дипломатијата на ЕУ го осудија признавањето на независноста на регионите Донецк и Луганск од страна на Русија.

Со истовремени пораки Урсула фон дер Лаен, Шарл Мишел и Жозеп Борел најавија силен одговор од ЕУ и нејзините партнери.

„Признавањето на двете сепаратистички територии во Украина е очигледно кршење на меѓународното право, територијалниот интегритет и на Договорот од Минск. ЕУ и нејзините партнери ќе реагираат обединето, силно и одлучно во солидарност со Украина“, изјавија највисоките претставници на ЕУ.

Францускиот претседател Емануел Макрон во меѓувреме свика итен состанок на Советот за национална безбедност по повод настаните во Украина, соопшти Елисејската палата.

Претседателот на Франција претходно денеска разговараше со германскиот канцелар Олаф Шолц и лидерите на ЕУ со цел да ги координира реакциите на Европа по последните случувања, но и со претседателите на Русија и Украина, се наведува во соопштението од Елисејската палата, пренесува „Ројтерс“.

На прес-конференцијата што ја одржа за укинувањето на мерките за коронавирусот британскиот премиер Борис Џонсон од новинарите беше прашан за признавањето на Донецк и Луганск од страна на Путин.

„Тоа е флагрантно кршење на меѓународното право и на суверенитетот и интегритетот на Украина. Тоа е отфрлање на договорот од Минск и многу мрачно навестување за она што следува“, рече Џонсон.