12.8 C
Скопје
17. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Ердоган во посета на Обединетите Арапски Емирати – нова ера во односите меѓу двете земји

Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, замина за Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), јавува „Анадолија“.

За време на дводневната посета на Обединетите Арапски Емирати, ќе бидат потпишани голем број меѓудржавни договори, а Ердоган ќе го посети и саемот „Експо 2020 Дубаи“, каде што ќе отвори изложба по повод Националниот ден на Турција.

Ердоган на прес-конференција на аеродромот „Ататурк“ во Истанбул рече дека за време на неговата посета на ОАЕ ќе се разговара за билатералните односи меѓу двете земји, како и за важни регионални прашања.

Турскиот претседател рече дека ќе се разговара за тензиите меѓу Украина и Русија, како и за можни чекори кон деескалација.

Ердоган потсети дека денешната посета на Абу Даби, на покана на шеикот Мухамед Заид ал-Нахјан, престолонаследник на Обединетите Арапски Емирати, е прва по 2013 година кога тој беше премиер на Турција.

Турскиот претседател потсети и дека во декември Емиратите ги посетија министерот за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, и претседателот на Големото национално собрание на Република Турција, Мустафа Шентоп, велејќи дека двете земји отвориле нова ера во меѓусебните односи.

„Целта на оваа посета е да се развие и зајакне моментот во нашите односи и да се преземат чекори што ќе ги доведат односите на нашите земји до местото што го заслужуваат. Заедно ќе преземеме чекори во време кога Обединетите Арапски Емирати ја одбележуваат својата 50-годишнина, што ќе го обликува нашиот однос во следните 50 години. Дијалогот и соработката меѓу Турција и Обединетите Арапски Емирати се важни за мирот и стабилноста во регионот како целина. Не ги одвојуваме безбедноста и стабилноста на сите братски земји од Заливот од нашата сопствена безбедност и стабилност“, изјави Ердоган во пресрет на посетата на Обединетите Арапски Емирати.