Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Свет

НАТО со нови барања до Москва

Откако американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека САД ѝ испратиле на Москва одговори на безбедносните барања на Русија, истото го направија и претставниците на НАТО.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека претставниците на таа алијанса во координација со САД испратиле барања до Москва, кои можат да се сумираат во три области, кои се однесуваат на односите НАТО-Русија, европската безбедност и контролата на вооружувањето.

Во контекст на односите НАТО-Русија, Столтенберг рече дека Русија ги прекинала дипломатските односи со НАТО и уште повеќе го отежнала дијалогот.

„Треба повторно да воспоставиме канцеларии во Москва и Брисел. Исто така, треба да ги подобриме каналите за комуникација меѓу силите на НАТО и руската војска со цел да промовираме транспарентност во нашата работа, но и да ги намалиме ризиците. Русија исто така треба да ги повлече своите сили од Украина и Грузија и Молдавија, каде во моментов се распоредени без согласност на овие земји“, рече Столтенберг.

Кога станува збор за контролата на вооружувањето, генералниот секретар на НАТО посочува дека историјата покажала дека практичните мерки во оваа област можат да направат значителна разлика и да ги подобрат односите меѓу земјите.

„ Предлагаме заеднички состаноци за вежби и нуклеарна политика да се дискутираат на Советот НАТО-Русија. Исто така, неопходно е да се модернизира Виенскиот документ за воена транспарентност и да се работи на намалување на киберзаканите“, рече Столтенберг.

Тој исто така истакна дека Русија и НАТО мора да водат сериозни разговори за контрола на вооружувањето.

„Сојузниците се подготвени да одржат состанок што е можно поскоро. НАТО е одбранбен сојуз и ние не бараме конфронтација. Сепак, не можеме и нема да правиме компромиси за принципите на кои е заснована нашата безбедност, безбедноста на Европа и САД“, рече Столтенберг.

Генералниот секретар на НАТО се осврна и на распоредувањето дополнителни трупи на НАТО во Источна Европа и порача дека дипломатијата е приоритет, но дека сите земји треба да бидат подготвени за најлошата опција.

„Паралелно со нашите дипломатски напори, ја зголемуваме подготвеноста на нашите сили. Го зголемивме нашето присуство во областите на Балтикот и Црното Море со повеќе бродови и авиони. Имаме и дополнителни трупи за поддршка кои можат да бидат распоредени на клучните позиции во краток рок. Но за нивното распоредување потребна ни е одлука на Северноатлантскиот совет“, рече генералниот секретар на НАТО.

На крајот, Столтенберг рече дека не е тајна дека позициите на Русија и Западот сè уште се многу далеку.