12.8 C
Скопје
17. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КОРОНАВИРУССВЕТ

СЗО со нови препораки за трета доза: „Омикрон може да го промени текот на пандемијата“

Светската здравствена организација (СЗО) препорача луѓето кои имаат намален имунитет или примиле инактивирани вакцини против Ковид-19 да добијат т.н. бустер доза за заштита.

Шефот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, вчера изјави дека омикронот може да го промени текот на пандемијата, но сè уште не е познато дали ќе го промени на подобро или на полошо.

Многу земји вакцинираат со дополнителни дози, насочени кон постарата популација и лицата со здравствени проблеми. Сепак, загриженоста за новата, полесно пренослива варијанта на омикрон поттикна некои држави да ја прошират дополнителната вакцинација на поголем дел од нивната популација.

Со оглед на тоа што стапките на вакцинација се алармантно ниски во повеќето земји во развој, СЗО смета дека давањето први дози наместо бустери е приоритет.

„Вакцините обезбедуваат силно ниво на заштита од сериозна зараза најмалку шест месеци“

Говорејќи на брифинг со новинарите, претседателот на Стратешката советодавна група на експерти за имунизација (SAGE) Алехандро Кравиото рече дека вакцините обезбедуваат силно ниво на заштита од сериозна зараза најмалку шест месеци, иако податоците покажуваат дека имунитетот се намалува кај постарите и болните.

„Во моментов продолжуваме да ја поддржуваме потребата за еднаква дистрибуција на вакцината и употребата на третата доза само кај оние со здравствени проблеми или оние кои примиле инактивирана вакцина“, рече тој.

Инактивираните вакцини се оние кои се произведени од кинеските производители „Синовак Биотек“, државната компанија „Синофарм“ и индиската компанија „Бхарат Биотек“. Тие беа одобрени од СЗО за итна употреба.

Во октомври, агенцијата на ОН препорача на лицата постари од 60 години кои примале „синофарм“ или „синовак“ да земат дополнителна доза.

„Вакцината на Џонсон и Џонсон, која се зема во единечна доза, сè уште е ефикасна, но податоците од клиничките испитувања на компанијата за земање две дози ги покажуваат придобивките од понатамошната вакцинација“, рече Кравиото.

Некои земји, вклучително и Турција, Обединетите Арапски Емирати и Тајланд, даваат засилувачки дози на оние кои биле вакцинирани со кинески вакцини поради загриженоста дека тие не се толку ефикасни против повеќе преносливите варијанти на коронавирусот.