23.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Најмалку 6 лица загинаа, а околу 100 се заробени под урнатините на зграда во Лагос

Најмалку шест лица загинаа, а околу 100 се водат како исчезнати откако вчера се урна зграда во изградба во најголемиот град во Нигерија, Лагос, соопшти шефот на државната служба за вонредни состојби.

Тој рече дека сите расположливи сили во моментов се на терен, дека досега се констатирани шест смртни случаи, четири лица се спасени, а уште три се згрижени со полесни повреди на местото на настанот.

Двајца работници на градилиштето во богатата населба Икоја, каде што се градат многу нови станбени згради, претходно изјавија дека можеби стотина луѓе работеле на зградата во моментот на уривањето.

Зградата беше една од трите кули изградени од приватна компанија. Најевтиниот стан во зградата е продаден за 1,2 милиони долари.

Засега не е познато зошто се урнала зградата.

Сведоци од местото велат дека несреќата била страшна и мислеле дека е земјотрес.

„Почувствував како се движи зградата и знаев дека нешто не е во ред“, вели Олу Апата, кој живее недалеку од урнатата зграда.

Апата додаде дека зградата била во изградба веќе две години. За да биде иронијата поголема, инвеститорот се сретнал со потенцијалните купувачи малку порано истиот ден.

Видеата споделени на социјалните мрежи покажуваат луѓе кои ги пребаруваат урнатините во потрага по преживеани.

Според медиумите во светот, во Нигерија, најнаселената африканска земја, уривањата на зградите се релативно чести поради лошото почитување на прописите, како и поради градежните материјали, кои често се со лош квалитет.