15.8 C
Скопје
24. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Талибанците уништија база на Исламска држава по експлозијата во Кабул

Tалибанските сили синоќа разбиле ќелија на Исламска држава во северен Кабул, изјави портпаролот на движењето, по експлозијата во близина на џамијата во главниот град на Авганистан, при што загинаа и ранија неколку цивили.

Нема потврда дека операцијата била директно поврзана со вчерашната експлозија, што се чини дека е најтешкиот напад во главниот град на Авганистан по повлекувањето на американските сили кон крајот на август.

Локалниот огранок на Исламската држава, ИСИС-Корасан, тврди дека извршил напади врз талибански сили и останува неповрзан со движењето што во август ја порази владата поддржана од Западот во Кабул.

Портпаролот на талибанците, Забихула Муџахид, изјави дека специјалната талибанска единица синоќа извршила операција против групите на ИСИС во Кабул.

„Базата на ИСИС е целосно уништена и сите нејзини членови внатре се убиени во тој успешен напад“, објави утрово на „Твитер“.

Локалните медиуми претходно известија за тешки судири во областа, а жителите со кои беше контактирано потврдија дека слушнале експлозии и истрели во текот на ноќта.

Талибанците, кои исто така се борат со остатоците од силите лојални на Ахмад Масуд, лидер на опозицијата од регионот Паншир северно од Кабул, рекоа дека имаат речиси целосна контрола врз земјата.

Сепак, вчерашните насилства и серијата помали инциденти во последните денови во тие области, кои го вклучуваат Нангархар на границата со Пакистан и Парван северно од Кабул, покажуваат дека заканите по безбедноста не се исчезнати.

Исламската држава ја презеде одговорноста за бомбашките напади во источниот град Џалалабад, како и за самоубиствениот напад во кој загинаа 13 американски војници и многу авганистански цивили собрани во близина на влезот на аеродромот во Кабул, очајно обидувајќи се да обезбедат место во летовите за евакуација.