12.8 C
Скопје
17. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КОРОНАВИРУССВЕТ

Полициски час и забранета музика на грчкиот остров Миконос

Властите забранија музика во рестораните и баровите на популарната туристичка дестинација, грчкиот остров Миконос, откако е забележано зголемување на бројот на лица заразени со Ковид-19.

Познат како остров за забава на богатите, Миконос е една од најпопуларните дестинации, привлекува повеќе од милион посетители секое лето, а меѓу нив има и холивудски sвезди, модели и спортисти.

По „загрижувачкото“ ширење на Ковид-19, Дирекцијата за цивилна заштита забрани музика на островот а полицискиот час е воведен од 1 до 6 часот наутро.

Ограничувањата ќе важат до 26 јули, соопштија властите.

Туризмот претставува петтина од грчката економија, на која и треба силна сезона по катастрофалната 2020 година.

Бројот на заразени од коронавирус расте во последните неколку недели и затоа Владата воведе задолжителна вакцинација за здравствените работници и вработените во домови за стари и изнемоштени лица.

Воведени се и нови ограничувања низ целата земја а само на вакцинираните лица им е дозволено да влегуваат во затворениот дел од рестораните, кафулињата и клубовите.

„Апелираме до жителите, посетителите и работниците на нашиот прекрасен остров строго да ги следат правилата за да можеме да го контролираме и сузбиеме ширењето на коронавирусот и да го вратиме Миконос во нормала“, се вели во соопштението од Дирекцијата за цивилна заштита.