17.8 C
Скопје
17. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КОРОНАВИРУССВЕТ

Борел со предупредување: Излегуваме од тунелот, но пандемијата се уште беснее

Излезот од тунелот на пандемијата со Ковид-19 е на повидок, но ние мора да останеме будни заради новите варијанти што се појавуваат, изјави денеска во Дубровник министерот за надворешни работи на ЕУ, Жозеп Борел и повика на соработка со Русија и Кина.

„Излегуваме од тунелот, но пандемијата сè уште беснее, особено во Јужна Америка, Африка и Индија. Ние мора да бидеме будни, бидејќи се појавуваат нови варијанти“ рече високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност на 14-то издание на министерскиот форум, каде влијанието на пандемијата врз геополитичките односи и светската економија е една од темите.

Тој предупреди на влошување на состојбата во Африка, континент каде стапките на вакцинација се само три проценти, наспроти 60 проценти во Европа.

„ Ни претстои долга битка“ нагласи тој, оценувајќи дека една од последиците на пандемијата ќе биде сè повеќе несигурен, нееднаков и помалку слободен свет. Нееднаквоста, истакна тој, ќе биде видлива не само меѓу земјите, туку и во рамките на секоја одделна земја.

„ Одлучувачки фактор за надминување на пандемијата се вакцините, без кои не можеме да ја добиеме оваа битка. На меѓународно ниво имаше многу поделби, немаше соработка, но научниот свет работеше напорно и произведуваше вакцини за многу кратко време – рече Борел.

Тој додаде дека сигурно треба да се стори повеќе, но посочи и на еден позитивен аспект.

„ ЕУ е единствениот регион во светот што го вакцинираше своето население и истовремено извезува вакцини во други земји и донира во програмата КОВАКС – посочи Бореj.

Тој ги обвини Русија и Кина дека користат вакцини за да ги постигнат своите интереси и предупреди дека мора да бидеме свесни за тоа.

Борел смета дека конкуренцијата меѓу Кина и САД ќе го обликува светот во следните децении и дека ЕУ мора да постави јасна насока, „гледајќи низ нејзините очила“.