12.8 C
Скопје
17. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе резолуцијата во Собранието

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“ денеска ја поднесоа предлог-резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции во однос на евроинтеграциите и блокадите што се наметнуваат.

„Оваа предлог-резолуција во онаа форма во која веќе беше споделена со сите пратеници е предложена со цел да помине со најширок можен консензус. Цениме дека оваа предлог-резолуција ќе ги зајакне и македонските дипломатски позиции, но исто така ќе влијае и како фактор на сплотување наместо поларизација внатре во македонското општество. Тоа што би сакал денес да го порачам и апелирам, во согласност со Деловникот, секој пратеник има право да се придружи со свој потпис на ваква предлог-резолуција од моментот кога таа е предложена“, изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.

Тој ги повикува пратениците на СДСМ, ЛДП, Левицата, Алијансата, ДОМ, Демократскиот сојуз и сите други пратеници уште од денес да го стават својот потпис и да се придружат на оваа предлог-резолуција за утврдување на македонските државни позиции за евроинтеграции за, како што рече, да не се дозволи блокадите и националните понижувања да станат предмет на преговори и виткање „кичма“ во некој следен период.

„Се надевам дека пратениците и партиите што декларативно истакнаа дека ќе ја поддржат предлог-резолуцијата таква каква што е, од денес па во следните неколку дена ќе ја потпишат и очекуваме претседателот на Собранието, Џафери, што е можно побргу да ја стави на пленарна седница за да можеме да се изјасниме очекувајќи дека ќе имаме широк политички консензус“, порача Милошоски.