18.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

На автобуска станица најдени тајни документи за британскиот брод кон кој пукаа Русите

Тајни одбранбени документи со информации за британскиот воен брод ХМС Дифендер, кој неделава се најде на насловните страници поради инцидентот кај Крим, но и за британската армија, биле пронајдени на автобуската станица, пренесуваат британските медиуми.

Британското Министерство за одбрана соопшти дека вработен поврзан со губењето на документите, случајот го пријавил минатата недела и Министерството започнало истрага.

Граѓанин кој побарал да остане анонимен, ја контактирал редакцијата на Би-би-си откако рано во вторникот пронашол 50 страници доверливи документи зад автобуската постојка во Кент.

Досиејата вклучувале повеќе документи во кои се зборува за потенцијална руска реакција на движењето на британскиот брод ХМС Дифендер низ украинските води во близина на Крим, додека во другите се истакнуваат плановите за можно британско воено присуство во Авганистан.

Министерството за одбрана објави дека ХМС Дифендер бил во премин преку украинските територијални води во согласност со меѓународното право и дека при донесувањето на оперативните одлуки биле земени предвид сите потенцијални фактори.

ХМС Дифендер е дел од борбената група што во моментов е на пат кон регионот на Индо-Пацификот.

Но, на почетокот на овој месец беше објавено дека тој ќе биде привремено одвоен од групата за да изврши свој сет мисии во Црното Море.

Уништувачот во средата се судри со руските сили, движејќи се низ водите јужно од Крим, кој Русија го анектираше во 2014 година.

Русија тврди дека руските бродови испукале предупредувачки истрели, но британската влада не го потврди ова, велејќи дека се случила само рутинска вежба за стрелање.

Москва се закани дека ќе одговори доколку инцидентот се повтори.

Британскиот премиер Борис Џонсон инсистира на тоа дека бродот имал право да ја премине таа рута од Одеса кон Грузија, бидејќи тоа е меѓународно призната транзитна рута.