17.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КОРОНАВИРУССВЕТ

Кавалери од ЕМА реагира дека погрешно е цитиран: „Вакцината на ‘Астра зенека’ е добра за сите возрасти“

Марко Кавалери, шеф на работната група за коронавирус во Европската агенција за лекови, рече дека вакцината на „Астра зенека“ има далеку поголема корист од ризици за сите возрасни групи, особено за луѓето постари од 60 години.

Италијанскиот весник „Ла Стампа“ претходно го цитира Кавалери, кој наводно рекол дека вакцината на „Астра зенека“ треба да се избегнува за лица постари од 60 години поради страв од ретки случаи на згрутчување на крвта.

„За жал, моите зборови не беа добро интерпретирани во интервјуто за ‘Ла Стампа’. Вакцината на ‘Астра зенека’ има многу повеќе придобивки отколку ризици за луѓето од сите возрасти, а особено за луѓето постари од 60 години“, изјави Кавалери за „Ројтерс“.

Позицијата на Европската агенција за лекови е дека вакцината на „Астра зенека“ е безбедна и може да ја користат граѓани постари од 18 години, објави „Ројтерс“.

Сепак, неколку членки на ЕУ, како и Македонија, престанаа да им ја даваат вакцината на одредени возрасни групи поради ретки случаи на згрутчување на крвта.

„Ла Стампа“ го смени насловот на статијата на својата веб-страница и додаде објаснување. Главниот уредник на италијанскиот весник, Масимо Џанини, немаше коментар, додава „Ројтерс“.