24.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Димитров во Париз: Француското искуство може да помогне за зајакнување на нашите капацитети

Во рамките на дводневната посета на Париз вицепремиерот Никола Димитров оствари средба и со Каролин Вино, заменик на генералниот секетар за европски прашања при Владата на Франција, на којашто се разговараше за добрите француски практики и нивната примена при зајакнувањето на административните капацитети на Секретаријатот за европски прашања, како главен двигател на интеграциите во Северна Македонија.

„Француското искуство во координацијата на европските прашања може да помогне за зајакнување на нашите капацитети. Со помош на француските пријатели и со силна посветеност на процесот, СЕП треба да стане ефикасна и почитувана администрација во полза на македонските граѓани“, рече Димитров.

Ова е прва посета на Париз по формирањето на новата Влада и се реализираше во исклучително важен момент за Северна Македонија, во пресрет на дефинирањето на Преговарачката рамка којашто треба да ги инкорпорира елементите што произлегуваат од новата Методологија за пристапни преговори, иницирана токму од Франција.

За време на работната посета на Француската Република, Димитров имаше средби со државниот секретар за европски прашања во Министерството за Европа и надворешни работи, Клеман Бон; претседателот на Комисијата за европски прашања во Сенатот на Франција, Жан-Франсуа Рапен; Изабел Думон, дипломатски советник за Континентална Европа и Турција во кабинетот на претседателот Макрон, Каролин Вино, заменик на генералниот секетар за европски прашања при Владата на Франција и со Лилиана Танги, пратеничка во Националното собрание.

Во фокусот на разговорите беше француската поддршка во оваа клучна фаза од нашите евроинтеграции – одржувањето на првата Меѓувладина конференција со ЕУ до крајот на годинава; динамиката на усвојувањето на Преговарачката рамка, а се разговараше и за напредокот на Северна Македонија нотиран во Извештајот на Европската комисија, како и за клучните приоритети од ЕУ агендата на коишто Владата ќе биде фокусирана во следниот период.