24.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Белорусија распиша потерница за Тихановскаја

Белорусија ја стави лидерката на опозицијата, Светлана Тихановскаја, на списокот на лица по кои се трага, за наводно повикување на уривање на уставниот поредок во неколку наврати, соопшти во петокот Министерството за внатрешни работи.

Тихановскаја побегна во соседна Литванија непосредно по спорните претседателски избори на 9. август и оттогаш ги посети европските лидери и го повика долгогодишниот белоруски претседател Александар Лукашенко да се повлече од функцијата.

Нејзиното име претходно се најде и на листата за барани лица во Русија. Руското Министерство за внатрешни работи објасни дека ова се случило по автоматизам, како резултат на заедничкиот механизам на регионалниот блок чии членови се, меѓу другите, Русија и Белорусија.

Доколку биде прогласена за виновна, белоруската политичарка во егзил може да биде осудена на казна затвор до пет години.

За време на протестите што избија по претседателските избори чии резултати беа оспорени од опозицијата, белоруските безбедносни сили уапсија повеќе од 13.000 лица, од кои некои подоцна беа ослободени.

Главните политички противници на Лукашенко или се во затвор или се разбегани во странство.