24.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Коронавирусот ја загрозува автоиндустријата, во Вухан се произведуваат најмногу автоделови

Глобалната автомобилска индустрија се соочува со стрес-тест поради епидемијата на коронавирусот во Кина, која го нарушува производството на автоделови, од системот на пренос до управување. Произведувачите на делови низ Кина го прекинаа производството до оваа недела, а во случајот со провинцијата Хубеи, во која е епицентарот на епидемијата, фабриките ќе останат затворени до 13 февруари или подоцна.

Поради тоа фабриките за автомобили се наоѓаат во криза, како во Кина, најголемиот светски пазар, така и на други места. „Хјундаи мотор“ е првиот глобален произведувач на автомобили кој го прекина производството надвор од Кина, поради недостиг на делови, што е последица на вирусот, пишува „Блумберг“.

Недостигот на делови е нов голем проблем за оваа индустрија, која веќе се бори со опаѓање на побарувачката и зголемените трошоци за електрични и автономни возила. Произведувачите на автомобили ќе укинат повеќе од 80.000 работни места во следните години, покажуваат податоците кои ги објави „Блумберг њуз“.

Вухан, градот кој е жариште на коронавирусот, е еден од најважните упоришта на автоиндустријата во Кина, заедно со Шангај, Гуангжу и Чанчун, каде глобалните произведувачи со партнерите произведуваат автомобили и делови.

Стотина добавувачи имаат фабрики во Хубеи, вклучително и повеќе од половина од 20 глобални произведувачи на делови како што се „Роберт Бош“, „Валео“ и „Фридрихшафен“, наведува „Чајна аутомотив технолоџи и рсрч центар“.

„Џенерал моторс“, „Фолксваген“ и „Тојота моторс“ спаѓаат во компаниите кои ги затворија своите кинески погони ./Makfax