24.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Потресна исповед на Американка: Ме силуваа на 14 години, а снимката заврши на „Порнхаб“

Американката Роуз Калемба била силувана на 14 години и тоа бил почетокот на нејзината агонија. Видеоснимката од силувањето завршила на популарната порностраница „Порнхаб“, а таа морала долго време да се бори да ја натера страницата да ја отстрани снимката.

Иако им опишала дека тоа бил насилен напад, кој траел цела ноќ, не можела веднаш да ги убеди да го тргнат видеото.

Никој не и` верувал, освен нејзиниот татко, баба и медицинската сестра во болницата која и` признала дека и нејзината ќерка била силувана, раскажува младата Американка од сојузната американска држава Охајо.

Но, никој од стотици илјади луѓе кои го гледале видеото на интернет не сочувствувал со неа. Таа сега има 25 години и по десет години сè уште се обидува да се соземе од траумата што ја преживеала, пишувајќи ги своите цели во дневник. „Јас сум одлична мајка“ е една од тие цели.

Таа летна ноќ отишла да прошета како и многу пати пред тоа. Не се плашела бидејќи живеела во мал град во кој сите се познавале. Но, тогаш некој маж се појавил во мракот. Со нож во раката, ја натерал да влезе во неговиот автомобил. Друг маж чекал во автомобилот, на возраст од околу 19 години, кого претходно го гледала низ градот.

Ја однеле во куќа на другиот крај од градот, каде ја држеле заробена 12 часа и повеќепати ја силувале за време на ноќта, при што ја претепале и избоделе со нож во ногата. Трет маж го снимал силувањето со камера. Таа неколку пати паднала во несвест за време на ужасниот напад што го преживеала.

Сфатила дека не е единствена жртва кога еден од мажите извадил лаптоп и и` покажал снимка од силување други жени. И` се заканиле дека ќе ја убијат ако каже. Следното утро ја ставиле во автомобил и потоа ја фрлиле на улица, на околу половина час пеш од нејзиниот дом. Татко и` ја пречекал и веднаш повикал полиција.

Не и` се верувало кога полицаецот ја прашувал дали сексот почнал доброволно, кога таа сè уште крвавела од убодната рана со нож.

Неколку месеци подоцна Роуз на „Мајспејс“ налетала на видеоснимка која ја споделиле нејзини колеги, а на која била означена таа. Видето било на страницата „Порнхаб“.

„Ме малтретираа. Ми зборуваа дека сама сум си го барала. Дека сум ги мамела машките. Дека сум курва“, вели Роуз и додала дека некои родители им кажувале на своите синови да се држат далеку од неа.

Не можејќи тоа да го издржи, таа почнала да оди на психотерапија, а идентитетот на силувачот му го открила на психологот, кој, пак, морал да пријави во полиција. Адвокатите на силувачите пред судот рекле дека сексот бил доброволен, па на крајот тие не биле обвинети за силување, туку за помал прекршок – придонес за малолетна деликвенција. Тие не завршиле во затвор./Makfax