11.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Над 300 лица уапсени во Хонг Конг за време на празниците

Полицијата во Хонг Конг уапси 336 лица за време на божикните празници, додека протестите на граѓаните продолжуваат, изјави денеска портпаролот на полицијата, Квок Ка-Чуен.

Квок рече дека 92 жени биле уапсени од понеделник до четврток и дека меѓу уапсените има и 12 малолетни лица.

Со ова бројот на притворени за време на протестите се зголеми на речиси 7.000, повеќето од нив студенти.

Демонстрантите, облечени во црно, некои со капи на Дедо Мраз, кршеа излози на продавници, додека полицијата реагираше со солзавец и апсења. Најверојатно, демонстрациите, што траат повеќе од шест месеци, ќе продолжат и во новата година, констатира агенцијата.

Квок ги осуди, како што ги нарече, нападите врз обичните граѓани во трговски центри и ресторани и вандализмот на јавната инфраструктура, вклучувајќи ги и метро станиците, банките и електроенергетската мрежа.

„Нивниот план е да ги замолчат оние кои застапуваат различни ставови и да ја тероризираат јавноста. Оние кои не се согласуваат со нивното насилство, ќе наидат на насилство“, рече Квок.

Протестите, со кои се бараат поголеми демократски права, не прекинаа ниту по убедливата победа на антивладините кандидати на локалните избори на почетокот од овој месец./Makfax