11.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Ганц одби да влезе во влада со Нетанјаху

Ривалот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, Бени Ганц, одби да влезе во влада со, како што рече, човекот на кој му се закануваат обвиненија, пренесува „Тајмс оф Израел“. Ганц го порача тоа откако израелскиот претседател Рувен Ривлин повторно му даде мандат на Нетанјаху да формира нова влада.

„Партијата што ја предводам не сака да седи во влада чиј лидер се соочува со тешки обвиненија“, напиша Ганц на „Фејсбук“, додавајќи дека тоа прашање е поважно за неговата партија отколку министерските места.

Нетанјаху ќе биде сослушан на почетокот на октомври пред најавените обвиненија за измама и злоупотреба на довербата во три случаи, а во еден од нив е вклучен и поткуп.

Израелскиот претседател вчера му даде мандат за формирање влада на Нетанјаху по минатонеделните избори на кои немаше јасен победник. Објавувањето следеше по заедничката средба меѓу Ривлин, Нетанјаху и назначениот премиер Бени Ганц.

Конечните резултати од повторените избори во Израел покажуваат дека владејачката Ликуд добила уште едно место во парламентот, но тоа не менува ништо во тешкотиите за формирање влада. Десничарската партија на Нетанјаху доби 32 од 120 места во парламентот, едно помалку од центристичката Сино-бела партија на Ганц.

Со поддршка од други партии, Нетанјаху има вкупно 55 пратенички места, а Ганц, кој е поранешен началник на Генералштабот, има 54 мандати.

Со оглед на тоа дека ултрадесничарската партија на поранешниот министер за одбрана Авигдор Либерман не сака со своите осум освоени пратенички места да поддржи ниту еден од кандидатите, ниту Нетанјаху ниту Ганц немаат мнозинство од 61 места во Парламентот.