22.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Медведев: Постојат шанси за подобрување на соработката меѓу Украина и Русија

Рускиот премиер, Дмитриј Медведев, смета дека со изборот на Володимир Зеленски за претседател на Украина постои шанса да се подобрат односите меѓу Москва и Киев.

„Резултатите покажуваат очигледна желба за нови пристапи за решавање на проблемите на Украина. Очигледно е дека пред новиот претседател стојат задачите за консолидирање на државата, земајќи ја предвид реалноста од последниве години“, напиша Медведев на Фејсбук.

Тој смета дека Зеленски во односите со Русија ќе ја задржи реториката која ја промовирал за време на изборната кампања.

„Истовремено, постојат шанси за подобрување на соработката меѓу двете земји. Што е потребно за ова? Искреност, прагматизам и одговорен пристап. Пристап кој ја зема предвид политичката реалност во Украина, првенствено во источниот дел на земјата“, пишува рускиот премиер.

Тој им посака на украинските власти здрав разум и разбирање на длабоките односи меѓу народите на двете земји.

Комичарот Володимир Зеленски победи на претседателските избори во Украина со 73 отсто од гласовите, пред Петро Порошенко, кој има околу 24 отсто.