11.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Заев: Да ги оставиме во минатото политиките што ги поделија луѓето на „наши“ и „ваши“

Премиерот Зоран Заев во обраќање по повод денешниот ден, Прочка, истакна дека само помирено општество ќе донесе стабилна и просперитетна држава за сите граѓани.

Тој рече дека празникот нѐ учи оти главните изрази на суетата и на зависноста од неа, се делбите и омразата.

„Дeнес се поттикнуваме да одиме по патот на единството и меѓусебното разбирање, во интерес на сите граѓани на нашата земја. Пруживме рака за помирување со сите наши соседи. Да си пружиме рака и дома како вредност која е одлика на големи народи и нации. Да направиме уште еден подвиг од сите нас, за сите нас. Да завршиме, да ги оставиме во минато време политиките на поделби и предизвикување конфликти кои луѓето ги поделија на „наши“ и „ваши“. Да се трудиме сите ние да разговараме со нам различните, со другите, да ги слушаме соговорниците и да се обидеме да ги разбереме нивните ставови, дури и кога не се согласуваме со нив“, вели Заев.

Во таква Северна Македонија, додава премиерот, во општество еднакво за сите, веруваат мнозинството од граѓаните. Ако ја прифатиме одговорноста за нашата иднина, за иднината на нашата заедничка држава, заслугите ќе им припаднат на сите.

„Да се учиме и навикнуваме на овие доблести, да вдишуваме од овој дух на простување и помирување со кој е исполнет денешниот ден. Да си посакаме многу мудрост и трпеливост во нашиот стремеж за достоинствен дом за сите наши граѓани. Сите ние да побараме прошка едни од други, да простиме и да гледаме напред“, додаде премиерот во празничното обраќање.