14.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Шилегов: По реакциите во јавноста, ќе има корекции на зелениот покрив на ГТЦ

Зелениот покрив на ГТЦ е исполнување на ветеното на Скопје и граѓаните, а со него се добива една нова, урбана и зелена површина за граѓаните, рече градоначалникот Петре Шилегов.

„Спроведените истражувања покажаа дека покривот на ГТЦ е 10 степени потопол од преостанатиот простор околу плоштадот Македонија и оттука произлезе идејата дел од овој покрив да биде зазеленет“, рече Шилегов.

Во однос на реакциите за идејното решение и изгледот на зелениот покрив на ГТЦ, градоначалникот потенцира дека тоа е донација од АД „Градски трговски центар“, кој е посебен правен субјект во државна сопственост и со кој Град Скопје нема допирна точка во структурите на управување на ова претпријатие.

„Идејниот проект за изгледот ни беше доставен од ГТЦ како трета страна во проектот. Град Скопје учествува во овој проект преку негово финансирање и обезбедување на средствата, а УНДП ја спроведе постапката. Имајќи предвид дека имаше извесни реакции во јавноста, веќе стапивме во контакт со архитектите и фелата и во рамките на законските можности и правилата определени од УНДП, преку „Скопје урбан центар“, каде што се членки Здружението на архитектите и Архитектонскиот факултет, ќе бидат извршени определи корекции на проектот“, додаде Шилегов.

Тој спомена дека целокупниот идеен и изведбен проект за зелениот покрив на Градскиот трговски центар, во согласност со кој Град Скопје ќе инвестира во проектот, е донација од претпријатието.