14.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Заев и Ципрас: Договорот им го посветуваме на младите генерации и нивната иднина

Премиерот Зоран Заев заедно со неговиот грчки колега, Алексис Ципрас, денеска зедоа учество на панелот „Разговор со добитниците на наградата ‘Евалд Фон Клајст’“, признание кое годинава им е доделено на нив двајцата, поради како што беше посочено, особен придонес за мирот и безбедноста во светот и за афирмација на принципите на трансатлантската алијанса.

На панелот за наградата која ја доделува Минхенската конференција за безбедност во одделни дискусии настапија Заев и Ципрас.

Заев го потсети форумот во Минхен дека тој и Ципрас покажале дека со кршење на стереотипите во политиката се активирала енергија која помогнала да се креираат нови правила на однесување за решавање на отворените, сложени, прашања, истовремено со создавање пријателство.

„Им го посветуваме Договорот на младите генерации за нивната иднина, вредеше“, рече премиерот на Република Северна Македонија и додаде дека Договорот од Преспа е достоинствено и прифатливо решение за двете страни.

Заев, информираше дека низ целиот процес доминирала добра и силна политичка волја да се најде решение, без да се затвора процесот во рамки или да се оградува со црвени линии, и токму таа посветеност, според него, помогнала да се препознае дека компромисот е вештина која овозможува, дека секој нов чекор е чекор повеќе до решение и дека невозможното сепак може да биде возможно.

Грчкиот премиер во дебатата нагласи дека историјата не ја пишуваат тие кои шират страв, туку тие кои се охрабруваат и создаваат решенија за генерациите што доаѓаат и дека тој и, како што кажа, неговиот пријател Заев ја избрале вистинската страна на историјата.

Свечениот дел од врачувањето на наградата на конференцијата „Евалд Фон Клајст“ на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас ќе се одржи вечерва на церемонија чиј домаќин е премиерот на Федералната држава Баварија, Флориан Херман.